ЉУБОЈНО

Во крајниот југозападен дел на Македонија, вгнездено на падините на Баба планина, се наоѓа прекрасното село Љубојно.

Многумина велат: Оној кој еднаш ќе дојде во Љубојно никогаш не заминува од него!

И тоа е навистина така!

Но, за да се уверите во вистинитоста на оваа изјава сепак ќе мора да дојдете и лично да се уверите нели?

Panorama Ljubojno

Местоположба и климатски карактеристики

Погодната местоположба, пријатната умерено-континентална клима, изобилството со извори и водни текови, флора и фауна, и особено близината на Преспанското езеро, го прават Љубојно, но и поширокиот Преспански регион исклучително примамлив за посетителите.

Според својата специфична поставеност овој предел воедно е под влијание на три климатски типови и тоа: континентална, медитеранска (која е резултат на релативната близина на Егејското и Јадранското море) и алпска клима (која е резултат н близината на планинскиот масив на планината Баба и нејзиниот врв Пелистер на кој се наоѓаат двете леднички езера познати како Пелистерки очи).

Arhitektura (1)

Селото Љубојно се наоѓа на надморска височина од околу 920 м.

Бројните природно и културно-историски споменици ја надополнуваат сликата за пределот, овозможувајќи му на секој посетител да ужива во мирот и топлината кои ова прекрасно место ги нуди.

Комуникација

Селото Љубојно е оддалечено околу 25 -30 км од градот Ресен и околу 50 км од Битола. Поврзано е со добра патна инфарструктура, што го прави исклучително лесно достапно за сите заинтересирани посетители.

Автобуските линии сообраќаат наутро и попладне, воглавно во две насоки до најблиските градски центри Ресен и Битола од каде потоа се вклучуваат во националната сообраќајна мрежа.

Историско минато

Врз основа на пишуваните документи с. Љубојно за прв пат се споменува во XIV век, иако пак врз основа на материјалните остатоци и бројните археолошки наоди кои се наоѓаат во неговата околина, сосема е јасно дека оваа територија била одамна населена. За тоа сведочи и зачуваната топонимија која исто така укажува на постоењето на населби во непосредна близина на денешното село Љубојно.

Подоцнежниот развој на ова село условил тоа да игра една исклучително важна улога во општествениот и културен живот на Преспа.

За време на турското владеење селото било речиси комплетно изгорено што довело до бројни промени во сите сфери на живеење на локалното население.

Arhitektura (3)

Периодот по Востанието како и периодот на Првата и Втората светска војна во принцип го карактеризираат бројни воени дејствија кои се одвивале во и околу селото. Постојаните воени дејствија предизвикувале бројни разурнувања на Љубојно и поедини негови објекти, но тврдокорноста на селаните и нивниот непокор доведувале до постојано негово обновување и опстојување.

Силните миграциони движења кои биле присутни во Преспа уште во периодот на турското владеење, а особено се интензивирале во периодот по Втората светска војна, довеле до речиси масовна депопулација на ова некогаш исклучително значајно населено место.

Сепак и покрај ваквата состојба тоа сеуште го зачувало својот дух…

Училиште

Движејќи се низ селските улици, во непосредна близина на селската „Полена“, погледот ќе го привлечат остатоците од една масивна градба, специфична по својот изглед и стил. Тоа е зградата на некогашното училиште во Љубојно, изградена во 1907 год. За неговото постоење се врзани многу човечки судбини, многу радости и доживувања, на бројни генерации ученици.

starouciliste

Ова училиште е второто училиште во Македонија и прво во Преспа, во кое започнала да се одржува настава на македонски јазик по завршувањето на Втората светска војна, што на овој објект му дава уште поголемо значење.

Архитектура

Ако само зачекорите по неговите улици ќе го почувствувате мирот и шармот со кој ќе ве плени ова село. Високите куќи изградени комплетно од камен или пак во бондрук техника ќе ви ги заробат срцата. Ќе ве заинтригираат со својата таинственот, но и со својата убавина и за момент ќе ве пренесат во друго време. Бројните прозорци врамени со декоративни метални решетки во истовреме ќе ви укажат на естетиката и вкусот на домаќините, но и на умешноста на мајсторите кои својата душа ја исковале во железото.

Arhitektura 1

Дрвените чардаци надвиснати на улиците претставувале место за одмор во летните горештини, но и место за дружба во попладневните и вечерните часови.

Високите порти кои навидум ги штитат широките дворови од погледите на љубопитните, речиси без исклучок остануваат широко отворени  пред секој гостин – добронамерник.

Густо поставените куќи поделени во повеќе маала зборуваат за некогашната големина на ова село. Оцртувајќи ги нивните визури тие испишуваат значаен дел од историјата и битусувањето на локалното население.

Arhitektura (2)

Тие зборуваат за едно време кога од секоја куќа се слушале бројните детски гласови, кога смеата ги исполнувала селските улици, но во истовреме ќе го чуете и шепотот и тивкиот плач на семејствата кои ги испраќаат своите најблиски на печалба.

Народна носија

Тивките удари на разбојот кои се слушале без исклучок од секоја куќа во Љубојно до пред 50тина години, всушност ги ткаеле соништата на домаќинките и нивните лични приказни, оставајќи на тој начин белег за идните генерации

Бројни батании, дифтици, черги, фути и други употребни и декоративни елементи биле исткаени од рацете на домаќинките. Црвениот колорит како доминантен симбол на плодноста и животот бил застапен во поголема или помала мера кај секој поединечен предмет.

Надополнети со црната, зелената и сината тие на различни начини го презентирале животот, секој за себе, и секој во себе, криејќи и оддавајќи во истовреме свои тајни.

Белата кошула надополнета со бели горни облековни елементи сé до периодот на Илинденското востание (1903), биле неодвоив дел од секоја женска облека.

И тогаш,  обвиткани во жал заради бројните изгубени животи и изгорени домови, заради неизмерната болка и од срце откинати лелеци, девојките и жените својот мир, својата тага го вткале во стишноста на црнината, во носијата.

Белото остапило место на црното.

Животот на смртта!

Но, сепак, и на раѓање на еден нов живот!

Белите памучни кошули, декорирани со мали плетени тантели, „чикмиња“, плетените бели волнени ракавчиња, „наручина“, футите декорирани со ситни колоритни мониста, неколку метални парички, и минимални кадифени апликации во стишни бои поставени во нивниот долен дел, го разбивале до одредена мера црнилото на кусалињата, шегуните и елечињата.

Цркви

Селото од дамнина било населено со македонско христијанско население. За тоа сведочат и деветте цркви од кои дел се наоѓаат во селото, а дел околу него, и кои според раскажувањето на мештаните се поставени така да го штитат селото од сите негативни сили.

Уште оддалеку пред и да може да се здогледа селото, погледот ќе го привлечат неколку бели градби вткаени во бескрајното зеленило на околните ридови. Тоа се црквите Св. Атанас изградена во XIV век и црквата Св. Петар и Павле, со нејзината камбанарија, изградена 1923 год. Од дворот на оваа црква се протега бескрајниот поглед врз Преспанското Еверо и врз поголемиот дел од Преспанската котлина.

Останатите цркви Св. Илија изградена во XIX век, Св. (Ди)Митрија изградена XIV – XV  век, Св. Богородица изградена XX и црквата Св. Марена изградена XX век како параклис, го заобиколуваат селото од останатите страни. Во самото село се наоѓаат уште три цркви. Црквата Св. Јован е изградена 1861 год. и во неа се наоѓаат и селските гробишта, додека малку подалеку од селскиот центар се наоѓаат црквите Св. Богородица (Пречиста) изградена 1852 год. и црквата, Св. Никола изградена во XV век.

Староста на овие црковни објекти како и нивната бројност воедно укажуваат на богатиот духовен живот на локалното население, додека звуците на камбаните ги раскажуваат бесконечните приказни на животот и смртта.